Средното училиште на Град Скопје гимназија „Никола Карев” – Скопје, е основано со Решение  на  Президиумот на АСНОМ  во декември 1944 година како прва Учителска школа во Народна Република  Македонија. Ова е важен настан за македонскиот народ кога наставата започнува да се изведува на мајчиниот македонски јазик, дотогаш непризнаван и забрануван.

 

Учителската школа борејќи се со многу тешкотии израснува во примарна воспитно-просветна установа. Нејзиното минато е светло и обележано со плодна дејност, а нејзината пeрспектива е уште посветла затоа што е под постојана грижа на нашата заедница.

 

Учителската школа „Никола Карев” одиграла значајна улога во културно-просветната политика и во формирањето на просветниот кадар за основните училишта во Македонија.

 

За културно издигнување и просветување во Учителската школа се формирале паралелки на албански и на турски наставен јазик.  Подоцна, од учителската школа „Никола Карев”, како од матична школа се оформени Учителската школа „Зеф Љуш Марку”, Турската учителска школа, учителско-домаќинската школа „Вера Јоциќ”, Учителска школа за воспитувачи, како и многу курсеви и семинари  за оформување и доквалификување на учителски кадар во републиката .

 

Од 1963 година Учителската школа се преориентира во Педагошка гимназија која ги подготвува учениците за продолжување на образованието на вишите и високообразовните институции.

 

Во 1970 година  Педагошката гимназија станува гимназија „Никола Карев” ,

 

Во учебната 1982/83 година гимназијата се трансформира во Училиште за средно образование со биотехнолошка струка, а во 1989 година во  Гимназија со природно-математичка насока.

 

Од 2005 година Гимназијата ,,Никола Карев”-Скопје, работи како средно училиште на Градот Скопје  со гимназиско образование од природно-математичко, општествено-хуманистичко и јазично – уметничко подрачје.