НИКОЛА ЈАНАКИЕВ КАРЕВ (Крушево,1877, с.Рајчин,1905), – претседател на Крушевската Република, учител, социјалист, национален деец, револуционер и војвода. Со своето активно учество во Илинденското востание тој е првиот предвесник на претстојната социјалистичка револуција во Македонија. Спаѓа во групата на првите државници од својата епоха и генерација кој Крушевската Република ја конституира врз плебисцитарна самоуправна основа, како братска заедница на македонскиот народ и на рамноправните народности.

Карев своето основно образование го завршува во егзархиското училиште во својот роден град. Имал желба за повисоко образование кое овозможувало подобро да ја сфати епохата и да се изгради подобар живот по мерка на човекот. Школувањето го продолжува во гимназијата, но по завршувањето на вториот клас, поради сиромаштија го прекинува понатамошното школување и се вработува како столарски чирак, за да се најде во поткрепа на своите родители.

Во 1893 го напушта Крушево и како 16-годишен младинец заминува на печалба во Бугарија. Во прво време се вработува како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група, Васил Главинов. Заедно со Главинов ја основаат Македонско-одринската демократска група (1896).

Карев и неговите соидејници истакнуваат дека својата лична слобода може да ја постигнат само оние народи што се надеваат само на сопствените сили. Последователно на тоа, не верувале во искрената и добронамерна помош од поробените народи што можеле да им ја дадат соседните балкански држави.

Карев и неговите другари, преку својата ангажирана активност, за кратко време ги изградиле главните принципи на своите погледи кон најактуелните аспекти на класната и националната ослободителна борба на македонската револуција и ги визионира нејзините врвци кон слободата. Во тоа време Македонија била покриена со широка мрежа селски и градски организации на Македонската револуционерна организација. Свои организации настојувале да оформат и странските пропаганди.

Во таквиот умствен и физички напор Никола Карев заболува од парализа и по долго лекување во Софија, по напор од лекарите, во 1899 година се враќа во Крушево. За време на закрепнувањето го продолжува школувањето и завршува трети клас гимназија.

По завршување на четврти клас во Битолската гимназија, која во тогашните заостанати услови се сметала за ретко и високо образование, станува учител во крушевското село Горно Дивјаци, а следната учебна година работи во Крушевската прогимназија.

Никола Карев се соочил со сите опасности за македонското ослободително дело и не останал пасивен посматрач, туку зазел активен однос, ги идентификувал нивните носители и им објавил отворена борба, приклучувајќи се кон македонските револуционери што се бореле за нивно отстранување. Во 1903 година  застанува на чело на Крушевскиот револуционерен комитет и остро се спротивставувал на решението за кревање на Илинденско востание, донесено на Смилевскиот конгрес. Сепак, по одлуката за кревање на востание во својство на началник на Горскиот Крушевски штаб, Карев учествува и во подготовка и организација на Илинденското востание (02.08.1903), и во ослободувањето на Крушево.

По паѓањето на Крушево во турски раце, кон крајот на годината, се префрла преку Белград во Софија. При престојот во Софија тој не ја напуштил борбата за слобода. Пролетта 1905 година се враќа во Македонија за продолжување на борбата. Спречен легално да мине од Бугарија, Карев формира чета и кон крајот на април 1905 година илегално се префрла во Македонија.

Заедно со четата на Петре Ацев, на 26 април заноќиле во селото Рајчица, но биле предадени и веднаш испратени од турската војска. Утрото на 27 април се развила жестока нерамна борба која продолжила цел ден. Во неа загинале многумина четници, меѓу кои и Никола Карев.

Дел од говорот на Никола Карев пред крушевското население:

„За човекот нема поголемо богатство од правото спокојно да работи и да создава. А за да располагаме со таа виша човечка придобивка, Штабот е на мислење дека ние, крушевчаните, коишто на Илинден оваа година јавно ги поставивме основите на нашето народно единство – факт што сам по себе говори дека ние сме културни и сознателни чеда на Македонија, што се оттргнавме од заблудите со кои ни ги оковаа мозоците… станавме причина слично обединување да се постигне насекаде во нашата Татковина и да дадеме пример на вистинско народно управување, во кое ќе бидат еднакво застапени правата и задолженијата на сите вери и народности.“

Говорот на Карев за свечената литургија:

„… Тие се жртвуваа себеси, зашто љубовта кон татковината беше посилна од смртта… На Илинден, и по илинденските први денови, ние го разбравме и го истеравме непријателот, но тоа не значи дека ние го разгромивме и уништивме. Тој веројатно собира сили за да дојде да нè удри и да го поврати Крушево… Ете зошто на денешниот свечен ден, пред гробовите на нашите скапи жртви, ние, крушевчани, без разлика на вера, народност, пол, убедување и материјална положба, даваме клетва… дека со сите сили ќе се бориме за својата слобода, дека нема да  го изневериме нивниот идеал… ќе ја продолжиме борбата до победоносниот крај…“