Skip to content

За нас

СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Скопје е училиште со богата традиција и силен образовен идентитет, чии корени датираат од 1944 година, кога е основано како прва Учителска школа во Македонија. Низ децениите училиштето се развивало и се приспособувало на современите образовни потреби, а денес продолжува како гимназија со природно-математичко, општествено-хуманистичко и јазично-уметничко подрачје.

Нашата цел е да создадеме средина во која знаењето, љубопитноста и креативноста се поттикнуваат секојдневно. Преку квалитетна и современа настава, посветен наставен кадар и бројни училишни и воннаставни активности, ги охрабруваме учениците да ги развиваат своите индивидуални способности, критичкото размислување и самодовербата потребна за идните предизвици.

Веруваме дека училиштето треба да биде повеќе од место за стекнување знаење — да биде безбедна, мотивирачка и инспиративна заедница во која се раѓаат нови идеи, се негуваат талентите и се создаваат млади луѓе подготвени активно и одговорно да учествуваат во современото општество.

0
години
0
наставници
0 +
ученици

Визија на училиштето

Нашето училиште се стреми  да биде почитуван партнер во заедницата, да претставува безбедна средина со пријатна клима за работа на учениците, која ќе овозможи стекнување на квалитетни, трајни и применливи знаења и вештини, подготвувајќи ги учениците за комплетно вклучување во современите општествени текови.

НАШЕТО УЧИЛИШТЕ ДА БИДЕ МЕСТО ВО КОЕ ЌЕ СЕ РАЃААТ НОВИ ИДЕИ, ЌЕ СЕ НЕГУВААТ ТАЛЕНТИТЕ И ЌЕ СЕ УНАПРЕДУВА ЗНАЕЊЕТО

Мисија на училиштето

СУГС Гимназија „Никола  Карев” – Скопје овозможува квалитетна и современа настава од гимназиско образование во стимулативна и  здрава средина којашто вложува во напредок и истакнување на индивидуалните способности  на сите ученици кои со своето  знаење  ќе бидат пример за наредните генерации.

Нашите ученици да станат  граѓани на светот кои со своето знаење и креативност ќе станат пример за сите наредни генерации

Цели на училиштето

Општи цели:

  • стекнување знаења, умеења и навики;
  • развивање на интересите, способностите и творештвото кај младите;
  • воспитување на младите за одговорно лично и општествено живеење ;
  • воспитување за демократичност, толерантност, конструктивност, креативност, трпеливост и меѓусебно разбирање;
  • развивање на свеста за критичко прифаќање на општествените и социјалните процеси и појави;
  • запознавање со личните права и обврски;
  • оспособување за продолжување на образованието, односно вклучување на работа;
  • развивање свест за чување на здравјето, заштита на природата и животната средина;
  • поттикнување и забрзување на развојот на посебните интереси и способности кај младите;
  • подготвеност за доживотно учење и
  • подготвеност за промени.

Посебни цели:

  • опремување на училиштето со современи наставни средства;
  • збогатување на библиотечниот фонд;
  • подобрување на квалитетот на наставата, преку воведување современи наставни методи и форми и техники на работа и наставни средства;
  • употреба на компјутерската опрема во училиштето;
  • зголемување на степенот на мотивираност и одговорност кај учениците за сопствениот напредок и нивно активно учество во наставата;
  • зголемување на нивото на компетентност на наставниците за успешна комуникација со учениците;
  • континуирана соработка со родителите;
  • подобрување на редовноста на учениците и на наставниците;
  • развивање на еколошката свест кај сите структури во училиштето.

Програмски насоки

Во согласност со актуелните промени во образовниот систем, а земајќи ги предвид општите и посебните цели кои училиштето со својата работа треба да ги постигне, програмските насоки се определени од неколку аспекти и тоа: 

  • Планирање и остварување на воспитно-образовниот процес според законските одредби и прописи на МОН и БРО на РС Македонија;
  • Континуирана анализа на наставниот процес, преку активна соработка на стручните активи, педагошко-психолошката служба, Училишниот одбор и директорот на училиштето;
  • Подигнување на нивото на вклученост на семејството во воспитно-образовниот процес;
  • Соработка со локалната средина;
  • Соработка со научни, културни, спортски, хуманитарни и невладини тела и организации, со цел да се постигне практичност на наставата;
  • Соработка со педагошко-психолошката служба за одговорно подготвување и реализирање на наставните часови;
  • Примена на активни методи на учење и современа технологија;
  • Учество на учениците во планирањето и реализацијата на работата на училиштето;
  • Континуирано следење на напредокот и постигнувањата на учениците.

Услови за работа (инфраструктура)

СУГС гимназија „Никола Карев” Скопје , располага со училишна зграда од 6939 м/2 со подрум, приземје и еден кат  и фискултурна сала  од 1975 м/2.

СУГС Гимназија  „Никола Карев” Скопје, располага со:

ПросторијаБројНамена
Кабинети11за извршување на работните задачи на вработените
Училници34за изведување на наставата во училиштето
спортска сала1за изведување на наставата по спорт и спортски активности, како и за разни наставни и воннаставни активности.
Работилници1за потребите на домаќинот
Магацин1за складирање на материјали за потребите на училиштето
Соба за хигиеничарки1за потребите на хигиеничарките во училиштето

Училиштето е оградено со цврста железна ограда со што во голема мера се зголемува сигурноста за непречено одвивање на редовната и дополнителната настава, како и можноста од искористување на капацитетите во вечерните часови.

За одржување и разубавување на дворот, уреден со зеленило, цвеќе и еколошки елементи  се грижат и придонесуваат сите вработени во училиштето, одговорните за хигиена, учениците, дел од вработените ангажирани на еколошките активности кои се насочени на училишниот двор, менаџерскиот тим, како и нашиот стратешки партнер, гарден-центарот „Булка“.

Во дворот е поставена биста на нашиот патрон Никола Карев. Нашето училиште е образовна институција каде што се движат млади луѓе коишто ја негуваат традицијата и моралните вредности, а сите заедно преку разновидни активности имаат свој придонес за убавата околина.

Со вклучување на училиштето во ЕКО проектите, нашата визија е во училишниот двор да се заврши реновирањето со цементирање на старите патеки, да се заврши со цементирање на каскадите и целиот простор наменет за одржување на културни настани и да се постават клупи и корпи за отпадоци.

Училиштето располага со нови клупи, модерна ИКТ опрема, компетна жичана и безжична Wi-Fi 7 мрежна и интернет покриеност, нови наставни помагала, географски и историски. Училиштето работи во оптимални услови. Санирани се голем дел од подовите во кабинетите, заменети се прозорците во поголем број од  училниците и направени се промени во електричната инсталација. Се реконструира внатрешноста на училиштето со поставување на гипсени плочи за изолација со цел подобрување на енергетската ефикасност  на училиштето.