Нашиот патрон, Никола Карев е роден во Крушево 1877 година.
Желбата за школување му била прекината заради сиромаштијата. Во 1893 година заминал на печалба во Бугарија како дете од 16 години.
Патот го однел во работилницата на велешкиот столар Васил Главинов со кој ќе ја основаат Македонскоодринската демократска група. Заедно со своите другари истомисленици, ги изразува своите погледи кон националната ослободителна борба на македонската револуција.
Но, заболел од парализа и по долго лекување во Софија, се вратил во Крушево и го продолжил школувањето.
Потоа, станал учител во крушевското село Горно Дивјаци и во Крушевската прогимназија.
Но тој никогаш не останал рамнодушен кон македонското ослободително дело. Во 1903 застанал на чело на Крушевскиот револуционерен комитет, спротивставувајќи се на решението за кревање на востание. Сепак, учествувал и во неговите подготовки и во ослободувањето на Крушево. По паѓањето на Крушево во турски раце, се префрлил преку Белград во Софија.
Во 1905 се вратил во Македонија илегално и ја продолжил борбата.
На 27 април 1905 година, во жестока борба со турската војска, загинал во местото Рајчица со многу свои другари од четата. Неговите зборови изговорени пред крушевското население и ден-денес се цитираат и прераскажуваат: “За човекот нема поголемо богатство од правото спокојно да работи и да создава”.