Во СУГС Гимназија „Никола Карев” – Скопје се реализира редовна, дополнителна, додатна и консултативна настава, како и проектни активности. Редовната настава ќе се реализира во согласност со распоредот на часови во текот на наставната година.
Во интерес на организиран и успешен почеток на учебната година, во училиштето се спроведува организациски дел што ги вклучува следните активности на 1 септември:
- секој ученик се информира за распоредот на часовите, додатна, дополнителна и консултативна настава и проектни активности од страна на раководителот на паралелка, соодветниот предметен наставник, како и преку веб-страницата на училиштето;
- секој ученик добива комплет бесплатни учебници;
- секој професор се информира за распоредот на редовните часови и дежурствата;
- секој класен раководител добива распоред на часови за својата паралелка;
- распоредот на часови се истакнува во наставничка канцеларија и во атриумот на училиштето.
Во текот на септември, учениците и родителите се информираат со следново:
- Куќниот ред, Кодексот за однесување и облекување и Протоколот за комуникација ‒ ова се носечки документи за успешно работење на едно училиште;
- Законските одредби во врска со бројот на изостаноци и слаби оценки за кои родителот се повикува на советување;
- Термините за планираните родителски состаноци;
- Термините за планираните класификациони периоди;
- Термините за планираните состаноци на одборите на години;
- Термините за планираните средби на Советот на родители.
На овој начин и учениците и родителите се запознаени со целокупната организација на сите одбори и управни органи.
Часовите се реализираат согласно со термините за времетраење во двете смени со два одмора за учениците и вработените, и тоа: првиот одмор со траење од 25 минути по третиот час и вториот одмор со траење од 10 минути по петтиот час.
Часовите може да траат помалку во случај на екстремно ниски или високи температури и други причини, со одлука на Наставничкиот совет, по претходна најава за скратените часови, а со добиена согласност од Министерството за образование, Државниот просветен инспекторат и Град Скопје.
Наставата се одвива во кабинети опремени со современи наставни средства и помагала: интерактивни табли, бели магнетни табли, LCD проектори, смарт табли, компјутери и други стручни помагала.
Наставни планови
Наставните планови за гимназиско образование се подготвуваат во согласност со законските одредби за реализација на воспитно-образовната дејност од овој тип настава.
Наставниот план за гимназиско образование е конципиран во четири дела:
- задолжителни предмети
- изборни предмети
- задолжителни изборни програми
- проектни активности
Задолжителни предмети
Задолжителните предмети се програмско јадро на гимназиското образование и се однесуваат на сите ученици. Со нив се обезбедува општообразовен стандард од знаења кој ќе им овозможи на учениците проодност во сите подрачја на гимназискиот систем на образование.
Изборни предмети
Во II година секој ученик избира еден предмет од листата на изборни предмети:
- Информатичка технологија
- Класични јазици (латински јазик/старогрчки јазик)
- Елементарна алгебра
- Говорење и пишување
- Етика
Во III и IV година изборните предмети се групирани во три изборни подрачја:
- општествено-хуманистичко А и Б
- природно-математичко А и Б
- јазично-уметничко А и Б
Задолжителни изборни програми
Овој тип изборни програми, преку програмските содржини им овозможува на учениците реализација на интересите од областа на спортот и спортските активности, ликовната и музичката уметност.
Овие изборни програми имаат статус на наставни предмети и се реализираат преку наставни часови во неделниот фонд, низ различни форми на работа. Карактеристика на реализацијата на овие содржини е менторскиот систем во пристапот со учениците и флексибилни дидактички методи. Секоја содржина има различен и оригинален начин на реализација.
Оваа настава им овозможува на учениците да го искажат талентот и да се мотивираат за постигнување на успеси во областа на спортот и уметностите.
Планирање и подготовка на редовната настава
Во согласност со методско-педагошките потреби за квалитетно реализирање на наставата, најдоцна до почетокот на учебната година ќе бидат изработени и испратени на мејл до стручната служба глобални планирања и тематски распределби, вклучувајќи и стандарди според наставната програма,критериуми за формирање на оценките за секоја тема по секој наставен предмет, табели за годишното планирање за меѓуетничка интеграција во образованието, глобален план за дополнителна, додатна настава и консултации, програма за реализирање на проектните активности, глобален план за еколошките содржини поврзани со наставната програма. Исто така, секој професор кој предава во клас кој има ученик со посебни потреби, должен е да изработи индивидуален образовен план и програма според интелектуалните способности на ученикот по својот предмет и да го предаде кај ППС во училиштето.
Планирањата треба да се изработуваат и да се анализираат на ниво на секој стручен актив. Во текот на наставната година, во согласност со годишните планирања, тематските планирања на наставната материја, можат да претрпат одредени измени и навремено се предаваат за евидентирање.
Обврска на секој наставник е континуирано, во текот на целата учебна година, да изработува дневни подготовки за секој наставен час. Сите предметни наставници се поттикнуваат наставните часови да ги реализираат со примена на современи дидактичко-методски форми и техники на работа, да ги користат постојните нагледни средства со кои располага училиштето, да користат ИКТ во наставата. Исто така, се охрабруваат најголемиот дел од часовите да ги реализираат интерактивно, користејќи иновативни и креативни методи и техники.
Дополнителна настава
Дополнителна настава се организира за ученици кои покажуваат континуирано слаби резултати во учењето, а особено ако имаат најмалку две слаби оценки, имаат слаби резултати по одреден наставен предмет, отсуствуваат од наставата по одреден наставен предмет и на барање на ученикот или неговиот родител (старател). Наставникот кој ја реализира наставата по наставниот предмет остава простор на учениците со слаби оценки да посетуваат дополнителна настава. Наедно, и за оние ученици кои отсуствуваат од настава подолг временски период по одреден предмет, се организира дополнителна настава по проценка на наставникот.
Ученикот упатен на дополнителна настава во текот на еден месец посетува дополнителна настава најмногу по два наставни предмети, со најмногу четири наставни часови месечно по наставен предмет. Доколку ученикот за кој наставникот одредил задолжителна дополнителна настава не ги посетува часовите по дополнителна настава, ученикот добива неоправдан изостанок. За упатување на ученикот на дополнителна настава наставникот задолжително го известува класниот раководител кој го информира родителот (старателот).
Додатна настава
Додатна настава се организира за учениците кои постигнуваат значителни резултати по одделни наставни предмети (талентирани ученици). Наставникот е должен да им го понуди овој вид настава на учениците, а тие одлучуваат дали ќе ја посетуваат додатната настава. Вообичаено на овие часови учениците се подготвуваат за натпревари, учество во проекти и културни настани во училиштето.
Консултативна и подготвителна настава
Консултативна настава ќе има во текот на целата учебна година за вонредните ученици.
Подготвителна настава ќе се спроведува во согласност со законската регулатива и потребите на учениците, особено во рамките на подготовките за полагање државна матура. Исто така, ќе се организира за учениците кои треба да полагаат поправни испити, испит на година, дополнителни испити и испити за побрзо напредување.